Е-пошта Печати

На околу 10км од Прилеп, под врвот Златоврв, подигнат е манастирот Трескавец, со манастирската црква "Успение Богодоричино". Манастирот Трескавец се смета дека е подигнат во 13 век, но според сите документи и артефакти, манастирот претрпел уривање и оштетувања во првите години на 15 век, поради што подоцна бил обновуван. Обновувањата се вршеле во неколку наврати, посебно во втората половина на 19 век, од страна на познатиот фреско-сликар Михаел од Самарина, заедно со неговиот партнер Зиси од Крушево.

Во црквата се зачувани значајни Византиски фрески. Зачувани се и кујната и трпезаријата од 14 век. Покрај ова зачувани се и вредни уметнички предмети: двокрилна врата изработена во плитка резба, царски врати на иконостасот и Големиот Крст на космитисот кој датира од 17 век. Кон крајот на 15 век, наосот на црквата бил исполнет со фрески изработени од страна на добар мајстор-зограф. Особено може да се потенцираат фреските од првата зона каде се претставени светите воини со цела фигура, кои врз себе носат благородничка облека и раскошни капи на главите, за разлика од нивното вообичаено претставување со воена облека и вооружување.

Планинарска патека низ карпи и ниски треви води од Прилеп до манастирот. Во манастирот  доаѓаат туристи добронамерници од Македонија и целиот свет. Се разбира најпосетуван е за верскиот  празник "Богородица" на 28 август. Тогаш во манастирот се собираат голем број верници за да го означат овој свет ден.

 

 
~ дополнителни информации ~

Изработка ВИРТУС Студио Прилеп