Е-пошта Печати

 

Ловиштето  "Ниџе" е лоцирано во југозападниот дел на Пелагонија, југоисточно од градот Битола, распространето на северозападните делови на планината Ниџе. Највисокиот врв на планината  е врвот Кајмакчалан со висина од 2520 метри. Вкупната површина на ловиштето е 20.286 хектари, од кои 16.564 хектари се ловна површина. Највисока точка на ловиштето е врвот Кајмакчалан а најниската точка е регистрирана кај селото Скочивир и изнесува 521 метар. Карактеристика на ловиштето е неговата широко распространета хидрографска мрежа која е резултат на неколкуте сливни подрачја во ловиштето како и поголемите водотеци: Црна Река, Градешка река, Сува река, Бела река, Трновица, и Петалинска река.

Во двата ловни реони на ловиштето "Ниџе" можат да се ловат дива свиња, срна, и див зајак. Покрај овие видови, во ловиштето редовно или периодично се среќаваат и други видови дивеч како што се: јазовец, еребица камењарка, разни видови на гулаби, шумска шљука и други видови на пердувест и влакнест дивеч.

Во ловиштето од дивеч без заштита се сретнуваат волк, лисица, ласица, куна белка, куна златка, твор, страчка, јастреб кокошкар и други. Не е забележана пренамноженост на овие видови па со тоа и штетите врз дивечот во ловиштето се незначителни.

Во ловиштето не постојат изградени стопански објекти наменети за сместување и престој на ловците. За оваа намена ловците ги користат старите куќи во ловиштето, конаците во манастирот во село Будимирци, како и постојните шумски куќи кои се наоѓаат во ловиштето, а кои се сопственост на ЈП "Македонски шуми".

Во шумите на планините Галичица и Караорман во лето се ловат зајаци и разни врсти на еребици, а во зима диви свињи, лисици и крупен дивеч. Тука се ловат дури и мечки. На Преспанско езерото во зима е дозволен лов на езерски и барски птици. Спортските ловци ноќе престојуваат во приватно сместување во селата Арвати и Брајчино, а дење  ловат низ шумите на овој прекрасен предел.

 
~ дополнителни информации ~

Изработка ВИРТУС Студио Прилеп